Граѓаните им дадоа поддршка на сите пет концепти во Делчево
Граѓаните на Делчево на 14 септември 2012 година, во спомен домот АСНОМ ја одржаа третата по ред форумска сесија. Се разговараше за пет концепти и тоа: Изградба и уредување на јавни површини, Расчистување на диви депонии во градот и неговата околина, Уредување на излетнички и туристички места, Пешачки мост преку реката Брегалница и Зачувување на рибниот фонд преку изградба на рибји патеки на р.Брегалница.
Интересот и овој пат беше голем. Презентациите на концептите ги слушаа и за нив дискутираа 132 граѓани и гости на форумот. „Фактот што во оваа фаза се пристапува кон дефинирање на концепти за дел од она што веќе е посочено како можно решение од страна на граѓаните, е токму она што ги прави овие форумски сесии важни и интересни за сите нас кои сме жители на градот Делчево“ рече Љупчо Петровски. За Здравко Мирчевски пак, ова е добар знак дека „на крајот, оној проект кој навистина ќе биде важен за самите граѓани и Делчево, ќе биде и реализиран“.

На оваа сесија на граѓаните им беа презентирани критериумите според кои ќе се прави избор на проектите на последната форумска сесија, а беше разгледан и форматот според кој работните групи ќе ги развиваат концептите во предлог-проекти.
На крајот на форумската сесија беа дооформени работните групи за развивање на предлог проектите и граѓаните беа информирани дека следната форумска форумска сесија ќе се одржи на 04 октомври 2012 г.