Платформа за борба против корупција: потреба и/или предизвик
На 13 февруари 2014 година во хотелот Арка во Скопје, МЦМС во соработка со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), организираше тркалезна маса на тема „Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата: потреба и/или предизвик?“. На настанот учествуваа 21 претставник од 13 граѓански организации.
Емина Нурединоска од МЦМС, даде краток вовед во идејата за здружување на граѓанските организации за борба против корупцијата, а Марија Саздевски ја презентираше Програмата на УСАИД за анти-корупција што ја спроведува МЦМС со партнерските организации. На средбата учествуваше и Руслан Стефанов од Центарот за изучување на демократијата (ЦИД) од Бугарија кој ги сподели нивните искуства од воспоставувањето на националната платформа за борба против корупцијата „Коалиција 2000“ и на Регионалната мрежа за добро владеење и интегритет во Западен Балкан и Турција „СЕЛДИ“.
Учесниците дискутираа за идејата и за можните предизвици што би се појавиле во иднина при воспоставувањето на платформа на граѓанските организации за борба против корупцијата. Текот на дискусијата покажа дека меѓу присутните постои волја за соработка и здружување кои би воделе кон нивна поактивна улога и со што би дале придонес кон намалување на корупцијата во земјата.
Програмата на УСАИД за анти-корупција е спроведувана од МЦМС во партнерство со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС), Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) и Транспарентност Македонија (ТМ). Целта на програмата е зголемена информираност и знаење на граѓанските организации и граѓаните за барање отчетност од институциите како и придонес кон нивниот повисок интегритет.