Документацијата повеќе не е проблем за 16 граѓански активисти
Знаење пренесено на едноставен и пластичен начин преку многу практична работа е главната импресија на учесниците на тридневната Обука за административно и архивско работење која ја организираше МЦМС по повод 25 годишниот јубилеј.
Од 15 до 17 октомври, 16 претставници на граѓански организации стекнуваа знаења за правилата и законските рамки на административното и архивското работење.
„Досега во граѓанскиот сектор често сум се сретнувала со административна работа, а не сум била свесна која е одговорноста која сум ја сносела“, рече учесничката Ирина Поповска. Таа изрази задоволство од текот на обуката бидејќи сѐ било детално објаснето и немало простор за нејаснотии.
Во текот на трите дена учесниците слушаа за основите на административното работење и постапување со документацијата. Тие се запознаа со поимот, улогата и значењето на архивското работење; вреднување, прием и распоредување на актите; употреба на печати и штембили; евидентирање на актите во деловодник и архивирање. Во текот на обуката, низ кратки практични вежби по групи имаа можност да го применат наученото и притоа да стекнат поголема самодоверба.
Обуката ја спроведе Валентина Чичева од МЦМС, која изрази задоволство од желбата за учење и посветеноста на групата како целина.
Со ова, МЦМС ги заокружува обуките со кои го промовираше концептот на доживотно учење, откако претходно ја спроведе обуката за обучувачи за 15 нови тренери.