Советот на МЦМС го одобри Годишниот извештај за 2018 година
Советот на МЦМС на 20 јуни 2019 година ја одржа четвртата редовна седница на која беше усвоен Извештајот за работа на МЦМС за 2018 година со Финансискиот извештај и Извештајот од независниот ревизор.
Во годината во која МЦМС го одбележа јубилејот – 25 години од основањето се спроведуваа вкупно 37 проекти, а вкупниот реализиран буџет изнесуваше 116 милиони денари. Активностите главно беа во три од долгорочните цели на организацијата: вкоренето и влијателно граѓанско општество, добро владеење и борба против корупцијата и социјална инклузија и кохезија. Најголем донатор во претходната година е Европската Унија, а веднаш по неа Швајцарската агенција за развој и соработка. МЦМС доби „чисто“ мислење од ревизорите, без забелешки на водењето на финансиите.
Членовите на Советот се интересираа за видливоста на резултатите и нивната комуникација со јавноста и ја истакнаа синергијата меѓу граѓанските организации што ја обезбедува МЦМС, а благодарение на која, граѓанскиот сектор е се поголем и повидлив чинител во општеството, значаен актер во разговорите и носењето одлуки.
Покрај Годишниот извештај, членовите на Советот го избраа и новиот ревизор на МЦМС. Во следните четири години, независната ревизија ќе ја врши ревизорската куќа „Бејкер Тили“.