Повик за доделување мали акциски грантови за застапување
Целта на повикот е поддршка на локалните организации во подготовка и спроведување иницијативи за застапување, придонес кон подобри локални политики и активности на локално ниво. Преку овој повик се очекува да се зголеми придонесот на граѓанските организации во заедницата како и да се подобрат нивните врски со граѓаните. Овој повик ќе поддржи активности кои ќе ја зајакнат локалната демократија, преку застапување на потребите и надминување на проблемите на локално ниво, на пример активности за решавање општествени, еколошки, младински, социјални, родови и други проблеми и предизвици кои се од интерес на локалната заедница.
Мали акциски грантови за застапување
Целокупниот износ на финансиски средства кој е на располагање во рамките на овој повик за грантови изнесува 30.000 евра (1.845.000,00 МКД).
Со овој повик ќе се доделат не повеќе од десет мали грантови со:
- минимален износ: 2.000 евра (123.000 МКД);
- максимален износ: 3.000 евра (184.500 МКД).
За овој повик организациите кои ќе поднесат предлог-проект не се обврзани да обезбедат кофинансирање.
Времетраењето на проектите не треба да биде помалку од 4 односно повеќе од 6 месеци.
Рокот за поднесување на апликацијата е 10 октомври 2019 година, најдоцна до 16:00 часот.
Апликациите се доставуваат на адреса: Граѓански ресурсен центар – ГРЦ, ул. „Кирил и Методиј“ бр. 50, реон 7, 1000 Скопје (наспроти дирекцијата на НЛБ Тутунска банка Скопје) или Ресурсен центар Гостивар, ул. Тоде Богдановски бр. 90, 1230 Гостивар и тоа по пошта (исклучиво со препорачано писмо), по курир или со лична достава.
Потребни документи
Целосните информации во однос на целите и очекуваните резултати од повикот, условите за аплицирање, подобните активности и начинот на аплицирање може да ги најдете во упатството за аплицирање. Самата апликација се состои од:
- Формулар за аплицирање;
- Буџет;
- Копија од тековната состојба (не постара од 6 месеци) од денот на поднесување на апликацијата;
- Копиja од наративен и финансиски извештај за 2018 година.
Секое прашање поврзано со повикот може да се достави на info.gv@rcgo.mk со назнака: Референтен број 11-86/2-2019, најдоцна до 27 септември 2019 година до 16:00 часот. Поставените прашања и одговори ќе бидат објавени на www.rcgo.mk на 4 октомври 2019 година.
Информативни сесии
Претставници од Граѓанскиот ресурсен центар од Скопје и Гостивар од 17 до 19 септември ги посетија Тетово, Велес и Прилеп, каде одржаа информативни сесии за новиот повик за доделување мали акциски грантови за застапување.
Заинтересираните учесници од локалните граѓански организации покрај деталите за повикот, добија и насоки за пополнување на формуларот и буџетот како клучни документи во процесот на аплицирање.
Ве молиме задолжително да го најавите своето присуство за гореспоменатите термини и локации за информативните сесии најдоцна до 16 септември 2019 година на info.gv@rcgo.mk.
Граѓанскиот ресурсен центар е проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип.