Средба на граѓанските организации со министерот Маневски

Средба на граѓанските организации со министерот Маневски

На 26 август 2009 година во Министерството за правда се одржа средба меѓу министерот за правда г. Михајло Маневски и група граѓански организации. Целта на средбата беше информирање за процесот на подготовка на Законот за здруженија и фондации, како и за прашања за поширока соработка на министерството и граѓанските организации.

Министерот Маневски го истакна задоволството од постигнатиот напредок и од досегашната соработка со граѓанските организации при подготовка како на Законот за здруженија и фондации, како и на други важни закони притоа истакнувајќи ги измените и дополнувањата на Законот за пристап до информации од јавен карактер, предлог Законот за бесплатна правна помош, Изборниот законик, Законот за кривична постапка и сл.

И претставниците на граѓанските организации ги истакнаа нивните видувања на досегашната соработка, напредокот во подготовката на одредени закони, а исто така имаа и одредени прашања од сферата на нивниот интерес.

Во однос на Законот за здруженија и фондации, Сашо Клековски како член на работната група ги сумираше клучните измени кои според него ќе доведат до еден од најлибералните и најсовремени закони кој се заснова на најдобрите искуства од земјите од Европа, но и на препораките на релевантни меѓународни институции, на конвенции кои ги потпишала Република Македонија, и на одредени домашни политики и стратегии.

Накусо, тој ги изнесе клучните промени од новиот закон кои се однесуваат на поголема промоција на слободата на здружување (можност да основаат здруженија се дава и на правни лица, на малолетници и на странци), на појаснување и поедноставување на управувањето на здруженијата и фондациите, подобрени се одредбите за финансирање на здруженија и фондации, а истовремено воведени се и одредби за начинот на остварување на контролата во здруженијата и фондациите. На крај истакна дека најважната новина во Законот е воведувањето на нова глава која се однесува на статусот на јавен интерес.

Според Сашо Клековски донесувањето на овој закон е од особена важност и поради фактот што потоа ќе може да се направат усогласувања, измени и допрецизирање на други закони кои што се од голема важност за одржливоста на граѓанскиот сектор и кои што се предвидени со Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор. Тоа воедно ќе значи и придонес кон понавремено спроведување на Стратегијата.

Дел од коментарите и прашањата кои ги поставија другите учесници се однесуваа на услогласеноста на овој закон со законот за инвалидски организации каде што минимумот потребен за основачи на ваквите организации е 40 лица што е во спротивност со одредбите од овој закон.

Исто така финансирањето на граѓанските организации е едно од клучните прашања кои треба да бидат заеднички разгледувани од страна на граѓанските организации и Министерството за правда и Министерството за финансии.

За дел од учесниците важно е навременото информирање за подготовката на одредени закони, со цел да може од нивна страна да се дадат соодветни и издржани мислења и анализи за конкретните прашања.

Неколку од учесниците ја спомнаа и важноста од донесување на Законот за заштита од дискриминација и улогата која што треба да ја имаат и граѓанските организации и министерствата при подготовка на овој закон.

Министерот Маневски на крајот истакна дека како и до сега граѓанските организации ќе продолжат да имаат клучна улога во подготовката на најголемиот број од законите, а воедно побара и нивна поддршка и проактивност во овие процеси.

На состанокот присуствуваа:

Similar Posts