Избрани се грантистите кои ќе помагаат во заедниците за време на кризната состојна
Во следните три месеци, седум граѓански организации– грантисти на Граѓанскиот ресурсен центар ќе дадат солидарен одговор на кризната состојба предизвикана од КОВИД-19. Тие ќе им помогнат на над 1000 социјално загрозени семејства, припадници на маргинализираните групи, земјоделци и жртви на семејно насилство.
Најголем дел од грантистите ќе обезбедат хуманитарна помош за ранливите категории граѓани со цел полесно да го надминат кризниот период, а останатите активности се однесуваат на пружање психосоцијална поддршка на жртвите на семејно насилство и споделување корисни информации во заедниците.
Итните активности во главно ќе се спроведуваат локално, и тоа во Куманово, Прилеп, Гостивар, Берово, Пехчево, Делчево, Тетово и Скопје, додека дел од нив ќе обезбедат поддршка на национално ниво.
Листа на грантисти:
- Здружение на граѓани за промовирање на културните и духовните вредности „Легис“ Скопје со проектот „Ние можеме – Итна солидарна акција;
- Сојуз – Национален совет за родова рамноправност со проектот „Семејно насилство во состојба на социјална изолација“;
- Хуманитарно доброчинително здружение „Света Мајка Тереза” – Куманово со проектот „Само заедно ќе победиме”;
- Здружение на граѓани Институт за зелени политики и развој Берово со проектот „Мали индивидуални земјоделски производители, локална храна и Ковид-19: Што се треба да знаете?“;
- Здружение за перспективна интеграција и развој „Рома перспектив“ Прилеп со проектот „Целта на животот е солидарност преку помош“;
- Здружение на лезбејки, геј, бисексуалци/ки и трансексуалци/ки – ЛГБТ Јунајтед Тетово со проектот „Ковид-19 предизвик и за ЛГБТИ заедницата“;
- Хуманитарно и добротворно здружение на Ромите „Месечина“ Гостивар со проектот „Без корона помош до дома“.
Вкупниот фонд за оваа намена е 715.631 денари.
На повикот за грантови за итни интервенции за справување со кризната состојба предизвикана од КОВИД-19, аплицираа 107 граѓански организации од сите плански региони.