Модерни трендови во меѓународната развојна помош
На покана од фондацијата Понтис, првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски учествуваше на конференција Модерни трендови во меѓународната развојна помош.
Конференцијата се одржа на 3 мај 2012 година, во Братислава, а покрај учесници од Словачка и од регионот на централна и источна Европа, имаше и претставници од Кенија (вклучително нивниот министер за туризам) која е една од фокус земјите за развојната помош на Словачка.
На конференцијата се дискутираше за пристапите на Европската унија и посебно на Словачка кон развојната помош, фокусот на помалку земји и само на определени сектори, како и преминот од класична хуманитарна и развојна помош кон поддршка на процесите за демократизација на општествата во „третиот свет“.

Кржаловски ги пренесе искуствата на МЦМС и партнерските организации, како од времето на кризните 1999 и 2001 година, така и за актуелните трендови во Македонија и Балканскиот регион. Излагањето беше во рамките на панелот Човековите права во развојната помош.